1 Kings 5
1 Хирам, тирски цар, ги испрати слугите свои при Соломона, откако чу, дека го помазале за цар место татка му, зашто Хирам беше Давидов пријател во текот на целиот негов живот.
2 А и Соломон испрати да му кажат на Хирама:
3 »Ти знаеш, дека татко ми Давид не можеше да изгради дом на името Господово, својот Бог, поради војните со околните народи, додека Господ не го покори под нозете негови;
4 но сега Господ, мојот Бог, ми даде спокојство од сите страни: нема противник и нема веќе стапици.
5 И, ете, јас имам намера да изградам дом на името Господово, мојот Бог, како што му беше рекол Господ на татка ми Давида, велејќи: ‚Твојот син, кого што ќе го поставам на твојот престол место тебе, ќе изгради дом на Моето име.‘
6 Затоа, заповедај да ми насечат кедрово дрво од Ливан; и ете, моите слуги ќе бидат заедно со твоите слуги, како ти што ќе определиш, зашто знаеш, дека кај нас нема луѓе, кои умеат да сечат дрва така, како Сидонците.«
7 Кога Хирам ги чу зборовите од Соломона, многу се зарадува и рече: »Благословен нека е денес Господ, Кој му даде на Давида мудар син, за да управува со тој многуброен народ!«
8 И Хирам испрати при Соломона да кажат: »Го ислушав тоа, за кое беше си испратил до мене; ќе ја исполнам твојата желба за кедровото дрво и кипарисовото:
9 слугите мои ќе ги довлечкаат од Ливан до морето, и на сплавови ќе ги дотераат по море до местото, што ќе ми го определиш; таму ќе ги растоварам, и ти ќе ги земеш; но и ти исполни ја желбата моја, да доставуваш храна за мојот дом.«
10 И Хирам му даваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво, според желбата негова.
11 А Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за исхрана на неговиот дом и дваесет кори цедено маслиново масло, – толку Соломон му даваше на Хирама секоја година.
12 Господ му даде на Соломона мудрост, како што му беше ветил. И меѓу Хирама и Соломона имаше мир, а склучија и сојуз меѓу себе.
13 Цар Соломон наложи обврска врз сиот Израил; а обврската се состоеше од триесет илјади луѓе.
14 Тој ги испраќаше во Ливан, по десет илјади на месец, на смени; еден месец престојуваа во Ливан, а два месеци – по домовите свои. Адонирам, пак, беше нивни управник.
15 Соломон имаше уште седумдесет илјади пренесувачи на товари, и осумдесет илјади каменоделци во планините,
16 надвор од трите илјади и триста настојници, што Соломон ги беше поставил над работата, да го надгледуваат народот, што ги извршуваше работите.
17 И царот заповеда да донесуваат големи камења за основата на домот, камења делкани.
18 Ги делкаа, пак, Соломонови работници и Хирамови работници и Гевалци, и подготвуваа дрвја и камења за градење на домот три години.